• Зоран Мишевски
Египетската фудбалска ѕвезда Мохамед Салах доживеа спектакуларен и „луд“ пречек во Турција, каде што пристигна за да го комплетира својот историски трансфер во редовите на Трабзонспор. Илјадници фанови го пречекаа поранешниот ас на Ливерпул со овации, песни, факели и вистинска навивачка еуфорија која го блокираше аеродромот.
Салах најпрво слета на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, каде веднаш го облече препознатливиот бордо-син дрес, водејќи го традиционалното навивачко скандирање со стотиците присутни фанови. Вистински „земјотрес“ се случи вечерта кога неговиот приватен авион слета во Трабзон. На аеродромот го дочекаа 25.000 навивачи. Градот со денови беше во еуфорија, а низ улиците кружеше комбе со ЛЕД екрани на кои се прикажуваа неговите голови.
Изненаден од масовноста, Салах изјави:
„Неверојатно сум среќен што сум овде. Не се сеќавам дека некогаш сум видел нешто слично во животот“.
Салах доаѓа како слободен агент по девет години минати во Ливерпул. Во Трабзонспор ќе заработува фантастична основна плата од 17 милиони евра годишно, која со бонуси може да достигне и до 22 милиони евра. Како дополнување на платата, Египќанецот задржа дури 20% од вкупните приходи од продажбата на дресови и маркетинг производи со неговиот лик.
На општо воодушевување на навивачите, Салах го избра дресот со број 61. Овој број е официјалната регистарска ознака за градот Трабзон и претставува силен локален симбол.





