ВИДЕО: Невидена драма во Катар, Алжир победи со гол во 17. минута од судиското продолжение!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) е организатор на Арапскиот Куп кој се игра во Катар

Во финалето на ова натпреварување ќе се сретнат Тунис и Алжир. Вториот полуфинален натпревар понуди досега невидена драма. Имено, за дуелот на Катар и Алжир беше делегиран елитниот полски судија Симон Марчиниак, кој се погрижи во полуфиналето да не изостанат возбудувања. 

Алжирците водеа од 59. минута со погодокот на Бенламри и беа пред победа. Сепак, Марчиниак реши да го продолжи натпреварот за дури девет минути. Катарците стигнаа до израмнување преку Мунтари во седмата, а тогаш следеше нов шок. 

Марчиниак одлучи да додаде уште дополнителни десет минути за игра, а тоа го искористи Алжир. Гостите добија пенал во 17, минута од судиското надополнување, па иако Белаили прво не успеа да погоди, од вториот обид донесе триумф за својата селекција. 

Ниту во првото полуфинале не недостигаше драма, бидејќи Тунис го победи Египет со автогол на Ел Соули во 95. минута од натпреварот.