• Саше Љолес

Тажни сцени беа видени на „пречекот“ за фудбалерите на Пари Сен Жермен кои се вратија во Париз доцна вечерта после ремито со Стразбур и освојувањето на единаесеттата шампионска титула.
„Светците“ минаа низ многу лоша сезона, навивачите беа разочарани од испаѓањето од Лигата на шампионите, а столчето на тренерот Кристоф Галтие „се тресеше“ долж целата кампања. Дел од фановите очекуваа тренерот да биде сменет уште по неуспехот во елитниот ранг, но сепак тој се задржа до крајот на сезоната и се закити со шампионскиот трофеј. Сите овие тешки моменти за клубот се манифестираа на аеродромот во Париз каде играчите беа пречани од само тројца навивачи!
Фудбалерите на ПСЖ сигурно биле во голем шок од таа сцена, а дел од нив дале изјава за медиумите дека навистина не заслужиле таков пречек. Јасна е фрустрацијата кај голем дел од поддржувачите кои сметаат дека титулата во Лига 1 не е доволна за ѕвездениот тим на ПСЖ, но сепак овој момент не бил воопшто пријатен за играчите.
Огромните потреси во тимот допрва ќе започнат. Тренерот Галтие сигурно заминува од Париз, а сè поизвесно е дека и Лионел Меси ќе го напушти клубот. Слична судбина веројатно го чека и Бразилецот Нејмар, па така парижани по сè изгледа ќе креираат играчки кадар чија прва ѕвезда во иднина ќе биде феноменалниот Килијан Мбапе.