• Саше Љолес
Натпреварот меѓу Динамо Дрезден и Херта Берлин (0-1) од втората Бундеслига беше прекинат поради сериозни инциденти, по што се покренати бројни истраги од страна на властите.
Хаосот започнал во првото полувреме, кога навивачите од двете страни користеле пиротехника, а ситуацијата брзо ескалирала. Дел од домашните навивачи успеале да влезат на теренот и да се упатат кон гостинскиот сектор, додека и навивачите на Херта реагирале, што довело до директни судири и фрлање факели.
Судијата бил принуден да го прекине натпреварот, а фудбалерите и службените лица се повлекле во соблекувалните додека не се воспостави ред. Полицијата интервенирала на теренот, оттурнувајќи ги навивачите и формирајќи кордон за да спречи поголеми инциденти.
Прекинот траел околу дваесетина минути, по што натпреварот продолжил, но настаните целосно го засениле спортскиот дел.
По натпреварот, германските власти покренаа повеќе истраги за нарушување на јавниот ред и мир, насилство и други прекршоци. Се очекуваат и дисциплински мерки, а двата клуба би можеле да се соочат со сериозни санкции. Веќе се приведени повеќе од 20 хулигани, а најавени се и нови апсења за сите сторители на сериозни прекршоци.




