Неверојатно: Тинејџер доби шанса во првиот тим, па беше заменет по 45 секунди игра!

Помалку комични и бизарни сцени пристигнуваат од Словенија. На прволигашкиот натпревар помеѓу екипите на Рогашка и Копер се случи еден навистина ретко виден момент во фудбалот, а во центарот на вниманието беше младиот Лука Жавби. 

17-годишникот веројатно беше пресреќен од одлуката на тренерот да го стави во првиот тим, но по само 45 секунди игра доживеа шок и беше заменет од Хрватот Габриел Грозница. Ова беше дебитантски настап во сениорскиот тим за младиот Жавби, но сигурно нема да го памети по добро, затоа што тренерот реши да го извади од игра нецела минута откако започна натпреварот. 

Словенечките медиуми ја објаснија ситуацијата и пишуваат дека тренерот Сафет Хаџиќ му дал прилика на тинејџерот само поради новите правила во тамошната лига, кое вели дека секоја екипа мора да ги започнува натпреварите со барем еден млад домашен играч. За жал, Лука Жавби доби прилика за настап само поради ова правило, а не како награда за неговиот труд и залагањето на тренинзите. 

Да биде ситуацијата уште поиронична, токму тренерот Хаџиќ неколку години работеше во словенечката федерација како скаут за млади домашни играчи, кои подоцна би настапувале во националните селекции, но очигледно сѐ уште не му верува доволно на младиот Жавби за да му даде конкретна прилика во првиот тим на Копер, кој извојува минимална победа против Рогашка со конечни 0-1. 

Вакви случаи имаше и во македонското првенство, кога истото тоа правило пред неколку години беше на сила.