Неверојатно: Татко и син добија отказ од своите клубови во ист ден!

Од грчкиот фудбал доаѓа несекојдневна приказна - првпат во историјата на ова натпреварување, татко и син, двајцата тренери, беа отпуштени на истиот ден, и тоа од два различни прволигашки тимови. 

Се започна кога АЕЛ реши да му врачи отказ на Јоргос Петракис по тешкиот пораз на домашен терен од Волос со 2-5. Во моментот на смената, тимот се наоѓаше на 12. место на табелата со само четири освоени бодови.

Неколку часа подоцна, слична судбина го снајде и неговиот татко, искусниот стратег Јанис Петракис. Панетоликос доживеа катастрофален пораз од Левадијакос со 6-0 на гостински терен, по што управата реши да стави крај на соработката. По шест одиграни кола, Панетоликос беше претпоследен, исто така со четири бодови, но со најлоша одбрана во лигата - дури 12 примени голови.

Интересен момент е што, доколку останеа на своите позиции уште неколку недели, таткото и синот ќе се соочеа еден против друг во директен тренерски дуел.