Неверојатно: Голман во Албанија се налути и си излезе среде меч! (ВИДЕО)

Несекојдневна сцена го одбележа натпреварот од 18 коло во албанското првенство, на кој главен актер беше францускиот голман Жереми Вашу. Чуварот на мрежата на Билис привлече внимание со потег што ретко се гледа на фудбалските терени.

Во завршницата на првото полувреме, при водство на Вора од 2-0, Вашу ненадејно ги соблече ракавиците и самоволно се упати кон клупата, без претходен сигнал или одлука од тренерот. Сцената се случи во 42. минута, а очигледно е дека голманот се налути и не сакаше повеќе да брани. Францускиот голман видливо револтиран го напушти теренот, по што судијата го санкционираше со жолт картон поради неговиот потег. 

Тренерот Мирел Јоса беше принуден веднаш да внесе резервен голман, но ниту таа промена не донесе подобрување, бидејќи Билис на крајот доживеа убедлив пораз од 4-1.