• Саше Љолес
Германија отсекогаш важела за земја со ултра-модерни стадиони, одлична спортска инфраструктура и неверојатни навивачи кои секогаш ги исполнуваат капацитетите до последно место.
Таков беше случајот и изминатиот викенд, но најзанимливо е тоа што најпосетените фудбалски натпревари се од втората Бундеслига или популарно наречена „Цвајте“! На девет второлигашки мечеви вкупно присуствувале 284.643 навивачи, додека во елитниот фудбал на сите натпревари имало 261.099 посетители.
Втората лига отсекогаш била одлично поесетна, но сега за првпат пониското по ранг друштво го мина најпопуларното домашно првенство. Информациите и официјалните бројки ги пренесе магазинот „Кикер“, чии новинари се одушевени од огромниот интерес и ги пофалија навивачите кои секој слободен викенд го користат за бодрење на своите омилени тимови.
Апсолутниот рекорд во едно коло од Бундеслигата изнесува 485.212 посетители, а сезонава во „Цвајте“ најмногу навивачи имаше во шестото коло - 297.163. Навистина импресивни бројки кои само уште еднаш потврдуваат колку е популарен фудбалот во Германија.