• Горан Упале
Напаѓачот на Екваторијална Гвинеја, Емилио Нсуе со пет гола го понесе епитетот најдобар стрелец на Африканскиот куп на нации (КАН).
Капитенот на репрезентацијата стана првиот играч кој постигнал хет-трик на турнирот од 2008 година, откако постигна три гола во второто коло од групната фаза против Гвинеја Бисао. Во третото коло повторно беше расположен кога постигна уште два гола во победата над новиот шампион Брегот на Слоновата Коска.
Екваторијална Гвинеја го заврши натпреварувањето во осминафиналето со пораз од Гвинеја, кога Нсуе промаши пенал. Но, неговите пет гола никој не ги надмина до крајот на нокаут-фазата, а тој заврши како прв стрелец на турнирот пред Желсон Дала и Мостафа Мохамед, кои постигнаа по четири гола.
Неговата неверојатна приказна започнува во родната Мајорка, а тој ги мина сите репрезентативни селекции на Шпанија. Нсуе ја одбил поканата од Екваторијална Гвинеја во 2012 година, бидејќи сакал да игра за Шпанија на Олимписките игри во Лондон. Сепак, откако не беше избран за тимот, тој се предомисли и играше за родната земја на својот татко. Сега тој е капитен и најдобар стрелец во историјата на оваа репрезентација со 15 гола на 37 натпревари.
По Мајорка, за која играше од детството до 2014 година, со кратки позајмици во Кастељон и Реал Сосиедад, стигна до Англија. Таму играше за Мидлсбро и Бирмингем Сити, а потоа во 2018 година се пресели на третиот остров - Кипар. Таму играше за АПОЕЛ и Аполон, пред конечно да пристигне во континентална Европа во 2022 година. Тој се врати во татковината и потпиша договор со третолигашот Интерсити, клуб за кој сè уште настапува.
Титулата шампион на Африка ја освои селекцијата на Брегот на Слоновата Коска, со пресврт против Нигерија во финалето (2-1).