• Горан Упале
Потресна глетка можевме да видиме на трибините на легендарната „Маракана“ пред почетокот на квалификацискиот натпревар за Светското првенство. Бразил во Рио де Жанеиро беше домаќин на најголемиот ривал Аргентина, а при интонирањето на националните химни дојде до тепачка на делот од трибините каде што беа сместени навивачите на гостите.
Набрзо реагираше и полицијата која со палки почна да го воспоставува редот, а набрзо пред тој дел од гледалиштето се најдоа светските шампиони, фудбалерите на Аргентина. Лионел Меси подоцна изјави дека полицијата била непотребно брутална, затоа што на тој дел од трибините им биле семејствата. Сепак, бразилската полиција не остави многу на случајноста и на видео снимките јасно се гледа како органите на редот со палки ги туркаат и тепаат навивачите во сино-бело.
Во еден момент аргентинскиот голман Емилијано Мартинез се обиде да ја запре полицијата, што беше снимено од камерата.
Dibu clashes with the Brazilian police who assault fans
pic.twitter.com/7PDsrcNhsy— Fahim (@GOATLeooooMessi) November 22, 2023
Набрзо конфликтот беше прекинат, а фудбалерите на аргентинската репрезентација на убедување на Лео Меси отидоа во соблекувалната. Почетокот на дуелот доцнеше половина час, а потоа Аргентина триумфираше со 0-1 со голот на Николас Отаменди.