• Горан Упале
Шеснаесетгодишниот австралиски фудбалер Антонио Арена постигна гол на своето деби за сениорскиот тим на Рома. Напаѓачот роден во Сиднеј стрелаше за израмнување во куп-натпреварот со Торино, и тоа од својот прв допир како професионален фудбалер.
Во натпреварот одигран на „Олимпико“, тренерот на Рома, Џанпјеро Гасперини, го внесе Арена во игра во 80. минута кога Торино водеше со 2-1. Младиот напаѓач го замени Леон Бејли и само една минута подоцна, со глава израмни на 2-2.
По натпреварот, Арена остана смирен и покрај неговото достигнување.
„Да, тоа беше одличен момент. Се чувствував малку нервозно, но влегов и размислував само на играта. Постигнав гол, но ништо не се промени за мене, ќе продолжам напорно да работам и да тренирам“, рече младиот напаѓач.
Фудбалското патување на Арена започна во академијата на Вестерн Сиднеј Вондерерс. На 13-годишна возраст, тој се пресели во Италија и се приклучи на Пескара, каде што минатата година соборуваше рекорди во Серија Ц. Во победата од 4-1 над Лукезе, тој постигна гол на 16 години и 25 дена, станувајќи најмладиот играч што постигнал гол во историјата на Пескара.
Одличните настапи за Пескара го привлекоа вниманието на Рома, која го потпиша минатиот јули. Арена има двојно државјанство; тој ја претставуваше Австралија до 16 години, а од 2024 година игра за националните тимови на Италија.









