Неверојатна бајка која трае десет години: Градски клуб од петта лига денес гледа кон Премиер!

Фудбалот често пати знае да испише приказни кои на моменти делуваат филмски, а и денес не сме без таков случај. Една деценија како од бајка може да се означи патот за Лутон Таун, клуб кој е блиску до неверојатно достигнување.

Во 2014 година, тимот ја освои Националната лига, петти ранг во англискиот фудбал, а десет години подоцна игра во Чемпионшип, втора лига по ранг во англискиот фудбал, и има можност да се бори за место во Премиер лигата. Каква приказна за градски клуб. Три промоции во девет сезони, можеби четврта во десет сезони, што би било првпат во историјата на англискиот фудбал еден тим да игра во пет ранга и четири професионални лиги во Англија за една деценија.

Креатор на оваа неверојатна приказна е претседателот на клубот, Дејвид Вилкинсон, кој со еден од најмалите буџети го доведе клубот до остварување на своите соништа. Минатата сезона беа запрени во полуфиналето на плеј-офот на Чемпионшип, а и сега сакаат да го направат последниот пробив, пласман во Премиер лигата.

Да им кажеше некој пред десет години дека ќе играат против Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Арсенал... веројатно таа личност ќе ја наречеа луда. Сепак, популарните „хејтери“ играат тивко, напорно и изгледа безбедно.

Моментално се на четвртата позиција во Чемпионшип со 63 бода, шест помалку од второпласираниот Шефилд Јунајтед. Сигурно ја држат позицијата кои води во плеј-офот, а директната промоција им бега само шест бода разлика.

Цел град застана покрај клубот, од најмлади до најстари, сите генерации го чекаат големиот момент, веруваат дека тимот може да го направи тоа. Каква приказна би била тоа, една деценија како од бајка.

Можеби мал проблем би бил само стадионот. Нивниот „Кенилворт Роуд“ собира 10.356 гледачи што не е доволен капацитет за Премиер лигата, но градските власти веќе имаат подготвен план за проширување на стадионот доколку „хејтерите“ влезат во клубот на најдобрите.