Неверојатен гол на Георг Стојановски: Шутна од центарот, а потегот на голманот беше хит (ВИДЕО)

Македонскиот напаѓач Георг Стојановски со спектакуларен погодок ја отвори новата сезона во бугарското првенство, постигнувајќи гол од својата половина на теренот. Фудбалерот на Спартак Варна се запиша меѓу стрелците во ремито 2-2 против ЦСКА 1948, а неговиот гол уште на стартот на шампионатот привлече големо внимание.

Стојановски, кој е внук на прославениот македонски стратег Ѓоко Хаџиевски кој ја води Спартак Варна даде неверојатен гол. Течеше 13. минута кога тој ја освои топката во близина на централниот круг, упати удар од точката на средината и иако ударот не беше пресилен голманот направи голем кикс. Во обидот да ја стигне топката голманот Маринов загуби рамнотежа и едвај се задржа на нозе, а не успеа да го одбрани ударот.

На мечот Стојановски забележа и асистенција при вториот гол за неговата екипа.

Ова е прво гол за Стојановски во новата сезона, откако во претходната постигна осум во бугарскиот шампионат. Најдобар натпревар лани му беше во последното коло против Локомотив Софија во кој постигна хет-трик. Тој даде два гола и во подготвителниот период.