ВИДЕО: Нето го скрши отпорот на Борец, деби победа за Седлоски на чело на Шкупи

Фудбалерите на Шкупи им се вратија на успесите во домашниот шампионат, откако од гостувањето кај Борец се враќаат со минимален триумф од 0-1 (0-0), со кој остануваат во игра за шампионската титула во ПМФЛ, иако тие се минимални. Воедно, овој триумф беше и прв за новиот стратег Гоце Седлоски, кој на клупата на клубот од Чаир седна пред само неколку дена.

Стартот на натпреварот во Велес им припадна на домашните фудбалери, кои беа растрчани на терен и го притискаа гостинскиот гол, но одбраната на Шкупи беше добро организирана и не дозволи посериозна закана кон Наумовски.

По позитивниот период на велешани, гостите од Чаир по 15. минута успеаја да се ослободат од притисокот и да му покажат на својот нов стратег што знаат во офанзива, но во повеќе наврати им фалеше последен пас, па затоа на полувреме мрежите мируваа во Велес. Koга во прашање се шансите за гол во првиот дел, и двете екипи имаа по само една посериозна прилика.

Кај домаќините во самиот финиш Мишов испрати прецизен удар од волеј, но Наумовски фантастично реагираше, додека на спротивната страна Цветановски биеше во добропоставениот Ефремов.

Вториот дел започна со нешто поофанзивна игра на гостите и супер-шанса на Региналдо, кој, иако имаше зицер-позиција, биеше млако и Ефремов со одлична парада ја запиша својата втора интервенција. Неколку минути подоцна домашниот чувар на мрежата одново ги покажа своите голмански квалитети и со нова одлична интервенција спаси чист гол на чаирчани, кои како се ближеше крајот на натпреварот, така го засилуваа темпото на игра, а со тоа се редеа и шансите пред голот на Борец.

Конечно иницијативата на чаирчани вроди со плод во 79. минута, кога по една мешаница пред домашниот гол најдобро се снајде Нето и со глава ја смести топката во празната противничка мрежа за значајна победа на својот тим од 0-1.

По 28 одиграни кола Шкупи е втор со 52 бода, но е далеку од лидерот Шкендија кој има 65 бода и е многу блиску до нова титула во домашниот шампионат. Борец, пак, падна за една позиција и сега е осми со 33 бода.