Несудената македонска ѕвезда стана млад МВП на Серија А

Македонија можеше да има уште две ѕвезди во имињата на Никола Секулов и Дејан Кулушевски, но двајцата решија да играат за различни репрезентации - Италија, односно Шведска.

Овој вториот, Дејан Кулушевски, кој ги брани боите на Парма, а од следната сезона ќе игра за Јувентус, доби големо признание во Серија А. На крајот од сезоната во калчото е прогласен за најдобар млад играч во најквалитетната италијанска фудбалска лига.

Кулушевски блескаше во дресот на „млекарите“ и ја доби титулата на 20-годишна возраст. Крилото оваа сезона одигра 36 натпревари на кои забележа учинок од 10 гола и 9 асистенции. На теренот мина речиси 3.000 минути.

Од следната сезона ќе ги брани боите на шампионот, а очекува и успех со Шведска со која ќе настапи на ЕП 2021. Потеколото на Кулушевски е од охридскиот крај, но тој е роден и израснат во Стокхолм.