Несторовски: Не гледам за сопствен интерес, сакам Палермо да заработи од мене! 

Илија Несторовски

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Илија Несторовски, сè поизвесно е дека ќе ги напушти редовите на Палермо. За популарниот „Несто-гол“ заинтересирани се повеќе клубови од Серија А, но голема желба е и на српскиот гигант, Црвена Звезда, кој во минатата сезона по 28 години се врати во Лигата на шампионите. 

Но, како што пишуваат италијанските медиуми најголема пречка за преминот на нашиот фудбалер во Црвена Звезда е сумата која ја бара Палермо, која изнесува од 7 до 8 милиони евра. 

„Не сакаме така лесно да се откажеме. За Несторовски имаме многу понуди, меѓу кои и од Црвена Звезда, но засега понудите им се помали од она што го бараме ние“, вели директорот на Палермо, Фабрицио Лучели. 

Слично размислува и Несторовски, кој вели дека не го гледа само сопствениот интерес, туку сака Палермо добро да заработи од овој трансфер. 

„Не сум човек кој лесно се откажува. Сакам Палермо да добие добра понуда. Не го гледам мојот интерес, сакам да му помогнам на клубот“, рече Несторовски. 

29-годишниот прилепчанец три години е дел од сицилијанскиот тим, а веќе втора сезона е лидер и ја носи капитенската трака.