Несторовски: Како капитен ја преземам одговорноста за катастрофата со Новара!

Екипата на Палермо го доживеа првиот пораз во Серија Б, откако во меч на домашен терен загуби од Новара (0-2), а Илија Несторовски, македонскиот репрезентативец кој настапува за тимот од Сицилија, вели дека како капитен ја презема целата одговорност за лошото издание на тимот.

„Не знам зошто одигравме толку лош натпревар. Бевме катастрофални од почетокот па до крајот. Како капитен ја преземам одговорноста за овој меч, но мора да се издигнеме над сите проблеми и да се подготвуваме за наредната средба со Карпи. Мислам дека ќе победиме. Сакам да им се извинам на сите навивачи за изданието, не смее да ни се случуваат вакви натпревари. Ги заслужуваме свирежите, но потребни ни се навивачите. Верувам во тимот и мислам дека ќе бидеме шампиони оваа година во Серија Б и ќе се вратиме меѓу најдобрите“, изјави Несторовски.

За Палермо поразот од Новара беше прв оваа сезона во второлигашката конкуренција во Италија. Сицилијанците се главни фаворити за шампионската круна во Серија Б и за едно од местата кои носат назад во Серија А.