Несторовски и Славен испишаа историја: Ова досега никогаш не им успеало

За очекување беше Риека, Хајдук и Динамо Загреб да завршат на првите три позиции на табелата ШНЛ, но на почетокот на сезоната не можеше да се предвиди дека Славен Белупо ќе биде на четвртото место по 30 одиграни кола во шампионатот.

Избраниците на Марио Ковачевиќ вчера остварија нова победа од 0-2 над Локомотива, а клубот на социјалните мрежи се пофали со нешто што досега го немаа постигнато никогаш во историјата.

„Ова никогаш не ни успеало, двапати сме имале три по ред, но никогаш четири победи по ред на гости. Браво за сите", меѓу другото пишува од соопштението во кое клубот им се заблагодарува на тренерот и играчите.

Славен Белупо првпат успеа да наниже четири последователни победи на гости, со оглед на тоа што пред Локомотива славеше и против Вараждин (1-0), Осиек (2-1) и Горица (3-0). Во четвртата победа учествуваше нашиот голгетер Илија Несторовски, постигнувајќи го вториот погодок на натпреварот.