• Горан Упале

Фудбалерите на Удинезе одново не победија на домашен терен во Серија А. Во првиот денешен натпревар од 29. коло во италијанскиот шампионат, новајлијата во елитата Монца беше на раб да го шокира Удинезе, но нашиот Несторовски во самата завршица избори пенал и домашниот тим на крај избегна неочекуван пораз (2-2).
- Извештај од натпреварот:
Удинезе важеше за голем фаворит на овој дуел, тоа и го покажа во првиот дел, но не и во продолжението. „Црно-белите“ одиграа одлично во воведните минути и уште во раната фаза од средбата стигнаа до заслужено водство. За водтсво од 1-0 погоди Ловриќ во 18. минута, но на стартот од вториот дел играта на Удине се распадна и гостите искусно го искоритија тоа.
Во 48. минута Колпани израмни на 1-1, додека осум минути подоцна Ровеља стрелаше за молк на трибините и водство на Монца од 1-2. Така беше сè до самиот финиш, кога во игра влезе нашиот Илија Несторовски.
Македонскиот напаѓач во 90. минута го „намести“ Петања во гостинскиот казнен простор и Удинезе доби пенал. Прецизен од единаесет метри беше Бето за конечни 2-2.