• Мартин Танасковски

Директорот на Интер Запрешиќ, Бранко Љаљак, со голема почит зборуваше за македонските фудбалери Илија Несторовски и Александар Трајковски. Двајцата македонски репрезентативци во Палермо пристигнаа преку хрватскиот тим, а Љаљак вели дека му е навистина драго што фудбалерите успеваат да ги импресионираат љубителите на Серија А.
„Драго ми е за Несторовски и Трајковски, знам какви играчи се и каков квалитет имаат. Го пратам секој меч на Палермо и се надевам дека ќе почне тимот полека да се крева“, вели Бранко Љаљак.
Тајната на врската меѓу Интер Запрешиќ и Палермо е добрата комуникација меѓу управите, открива директорот на хрватскиот тим.
„Имаме добар однос со управата на Палермо, да потенцирам, со претседателот. Трајковски до Сицилија дојде од заобиколен пат, преку Зулте Варегем и Мехелен, додека Несторовски беше директен трансфер. Се надевам дека тоа нема да биде наша последна соработка и дека ќе има уште“, додава Љаљак.
Несторовски уште од стартот е стандарден во Палермо. Љаљак вели дека очекувал Македонецот да блесне и да стане еден од главните фудбалери во тимот од Сицилија, но истовремено потенцира дека клубот ќе заработел повеќе пари од неговиот трансфер ако нашиот фудбалер имал хрватски пасош.
„Секако дека очекував таков блесок. Несторовски почна да дава голови уште од самиот старт, има веќе седум гола. Илија е пеколен играч, штета што не заврши во некој поголем клуб. Меѓутоа, ние сме горди на неговиот учинок. Не е едноставно да се направи трансфер, поготово за поголема сума на пари. Ние за Несторовски во Хрватска немаше да добиеме повеќе од 200.000 евра, тоа говори доволно за ситуацијата. Влијаат други фактори, на пример, Несторовски да имаше хрватски пасош и да беше некоја година помлад, ќе добиевме многу повеќе пари“, смета директорот на Запрешиќ.
Членот на управата на Интер Запрешиќ вели дека Палермо може да се спаси само ако ангажира некој добар стопер. Истовремено, потенцира и дека клубот има „лек“ за нивната одбрана. Се шпекулира дека наредниот фудбалер кој ќе замине на релација Запрешиќ - Сицилија ќе биде Јаков Филиповиќ.