Несторовски: Двапати пропатив во една ноќ, само поради Палермо!

Македонскиот напаѓач Илија Несторовски не можеше да му помогне на Палермо на дуелот против Пескара, а тоа резултираше со пораз (3-2) и чекор назад во битката за влез во италијанската Серија А.

Популарниот „Несто-гол“, се огласи со порака и истакна дека двапати пропатил во една ноќ поради Палермо - првиот пат затоа што не можел да им помогне на соиграчите, а вторпат поради поразот.

„Минатата ноќ пропатив двапати поради Палермо. Првиот пат беше пред натпреварот, затоа што бев во мојата куќа и не можев да им помогнам на соиграчите во тешкиот натпревар. А потоа, по натпреварот, затоа што поразот боли, пред се затоа што мојот тим прикажа фантастична игра. Сите жалиме, но не се плашиме, туку сме лути и сакаме победа на следниот меч. Тоа е наша должност, како фудбалери, како актери на теренот. Мора да работиме за доброто на Палермо, за нашите навивачи и за самите нас. Мора да останеме сите обединети и да гледаме кон иднината“, вели Несторовски.

Палермо се наоѓа на третото место во Серија Б, а наредниот меч го игра на домашен терен и тоа против еден од конкурентите Верона.