• Иван Димовски

Македонската фудбалска репрезентација со 1-0 ја совлада селекцијата на Фарски Острови во пријателската средба за време на мартовскиот прозорец. По втората победа на Арената „Тодор Проески“ за неколку дена, својот став за овие дуели го изнесе Илија Несторовски, кој прослави јубилеј и го одигра 50. меч во дресот со државниот грб.
„Целта пред овој собир беше две победи и си ја остваривме. Победивме со Малта дома, победивме и со Фарски Острови. Респект за секој национален тим, но покажавме дека сме подобри од овие ривали. Сега со голема позитива гледаме кон јунскиот циклус. Тешко е да играш натпревари со ривали кои се бранат, не можеш многу да добиеш бидејќи цела нација очекува победа. Ние бевме концентрирани од почеток до крај, дадовме гол и победивме. Се надевам сите ќе бидеме здрави во јуни, оваа репрезентација од меч во меч игра подобро. Ни следат два квалитетни меча, но ние сакаме да ја продолжиме таа победничка серија. Концентрирани сме само на Украина и сакаме да останеме при врвот на табелата.
Околу јубилејот, сите мечеви ми се омилени натпревари за македонската репрезентација, но морам да ја издвојам таа со Грузија. Сигурно ќе ми беше некој од европското првенство, но поради повреда не можев да настапам на шампионатот. Се разбира со Италија во Скопје бев стрелец, но тој натпревар го загубивме, затоа мора да ми биде омилен тој меч кој што го имаме добиено“, изјави Несторовски
Македонија во добар ритам, со две тешко извојувани славја го стартува квалификацискиот циклус за Европското првенство, а потоа ги совлада и Фараните за дополнително кревање на моралот. Во јуни во Скопје доаѓаат Украинците, додека потоа момците на Милевски гостуваат во Англија во квалификациите за евро-шампионатот.