ВИДЕО: Нестор не успеа да му направи услуга на Пандев, Сасуоло ја прегази Џенова

Џенова и Пандев загубија на гостувањето кај Сасуоло со убедливи 5-0 (2-0) и си го пролонгираа прашањето за опстанок во лигата за последното коло на Серија А. Еден бод беше доволен за „грифоните“ и дефинитивно да обезбедат уште една сезона во елитата, а покрај високиот пораз и Лече победи на гостувањето кај Удинезе и дојде на бод до Џенова на табелата. 

  • Сасуоло - Џенова:

Екипата од „Мапеи“ тргна подобро уште од стартот на средбата. Резултатот го отвори Хамед Траоре, кој се најде неочекувано осамен во непосредна близина од голот на Перин и стрелаше за 1-0 во 26. минута. До паузата Сасуоло ја удвои предноста преку еден неверојатен соло погодок на Доменико Берарди, кој од околу 30 метри со ефектен удар ја затресе мрежата на Џенова. 

Пандев и соиграчите не успеаја да се консолидираат ниту во продолжението од мечот, па домаќинот стигна до убедлива победа од 5-0 со двата релативно лесни голови на Франческо Капуто и еден на Распадори. 

Удинезе и Илија Несторовски иако водеа против Лече, не успеаа да им направат услуга на џеновјани и загубија со 1-2 на својата „Дачиа Арена“. Домашната екипа поведе преку Самир во 36. минута, но Манкозу врати од пенал четири минути подоцна. Џанлука Лападула го комплетираше пресвртот за Лече и му даде можност на својот тим да се бори за опстанок и во последното коло. 

  • Удинезе - Лече:

Во истиот термин се одигра и средбата меѓу Верона и СПАЛ, на кој домаќинот славеше со 3-0 на „Бентегоди“.

В недела од 20:45 ќе биде позната иднината на Горан Пандев и Џенова кои во последното коло играат дома против Верона, додека конкурентот Лече ја дочекува Парма. Џенова е во пол позиција да обезбеди опстанок и во очи последното коло има еден бод предност.