• Иван Димовски
Екипата на Њукасл слави во една од дерби пресметките на 14. коло во Премиер лигата против Манчестер, минимално со 1-0 (0-0). Публиката на „Сент Џејмс Парк“ се израдува на нова победа и убедлива партија на нивните миленици. Откако пред две кола во Њукасл загуби Арсенал, сега редот дојде на „црвените ѓаволи“, кои имаа уште еден блед настап.
- Извештај од натпреварот:
Средбата тргна со единствената добра шанса за Манчестер Јунајтед преку Гарначо, а потоа следеше серија шанси за домашните. За „страчките“ се обидуваа Алмирон, Исак и Трипие, најблиску беше капитенот кој погоди пречка и до одморот немаше погодоци.
Второто полувреме тргна идеално за Њукасл, бидејќи Ентони Гордон погоди за 1-0 во 56. минута. Младата ѕвезда на „страчките“ запиша бројки како легендата Алан Ширер, постигнувајќи четири гола во низа на домашен терен. Во продолжението домашните имаа и шанса за удвојување на предноста преку Луис Мајли, меѓутоа неговиот удар беше блокиран.
Течеше 89. минута од натпреварот кога „црвените ѓаволи“ дојдоа до погодок. Ентони доби топка на втора статива и убаво шутна, ама на патот кон голот го погоди Хари Мегваер, кој беше во офсајд позиција. Поради тоа погодокот на Јунајтед веднаш беше поништен.
- Поништениот гол на Манчестер Јунајтед:
Иако се играше долго судиско продолжение, четата на Тен Хаг не успеа да дојде до гол и претрпе пораз по три победи во низа. Њукасл сега со 28 бода, барем до утре, ќе биде петтопласиран, додека Манчестер Јунајтед падна на седмата позиција со 26 бода.