ВИДЕО: Несреќниот Адриан трагичар, Љоренте го исфрли европскиот првак

Атлетико победа

Осминафиналниот реванш меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид заврши со идентични 1-0 како и на првиот меч во Шпанија, па победникот се одлучуваше по продолженијата во кои поуспешен беше тимот на Диего Симеоне (2-3). Херој беше младиот резервист Маркос Љоренте кој со два погодоци беше човекот кој го однесе шпанскиот прволигаш во четвртфиналната фаза.

  • Извештај од натпреварот: 

Како и што се очекуваше, домашните фудбалери започнаа фуриозно и со висок притисок на половината на противникот. Тоа ги натера „јорганџиите“ да прават брзоплети грешки и лесно да се ослободуваат од топката. Јан Облак имаше многу работа во првиот дел, во кој одбрани два зицери, но не можеше ништо при шутот на Џиџи Вајналдум за водство од 1-0.

Капитенот Хендерсон и Салах се заканија со удари од далечина, а најсериозната шанса во почетните 20 минути ја имаше Садио Мане. Сенегалецот доби топка на работ од шеснаесетникот, но биеше по средината и во рацете на гостинскиот голман. Неколку минути подоцна, Фирмино се најде во одлична позиција и за малку не го изненади словенечкиот голман, кој ја исфрли топката далеку од својот гол.

Гостите играа организирано и без грешка, се до 43. минута, кога Вајналдум со глава ја затресе нивната мрежа и ја израдува публиката на „Енфилд“. Брзоногиот Окслајд-Чембрлејн центрираше, а неговиот соиграч со глава шутираше неодбранливо за минимална предност за „црвените“ на полувреме.

Само што започна вториот дел, Ливерпул промаши зицер преку Мане за двојна предност. Чембрлејн одлично го пронајде напаѓачот, а овој со левата нога биеше силно, но на голот се истакна Облак со нова фантастична интервенција. На спротивната страна, по еден контра напад, Жоао Феликс имаше можност да го шокира домашниот тим. Неговиот обид по земја го прочита Адриан, кој потоа со втора интервенција ја сочува својата мрежа.

Како што одминуваше времето, нозете на гостинските фудбалери стануваа тешки, па грешките беа неминовни. По една таква, Салах имаше дуел еден на еден, а по блокираниот шут, Робертсон од само неколку метри со глава биеше во пречката. Тоа беше најава за пеколната завршница пред голот на Атлетико.

Нападите пред голот на шпанскиот претставник не престанаа, а Салах и Мане беа автори на големи шанси за конечна победа. Првиот од нив се обиде да пласира, а неговиот соиграч со „ножички“ биеше над голот. Само што не заврши регуларниот дел од мечот, Саул Нигез погоди со глава, но главниот судија оправдано високо ја крена раката и покажа офсајд позиција.

По само четири минути во продолжението, Фирмино се запиша во листата на стрелци на домашен терен првпат во тековната сезона и се чинеше дека ќе ја запечати судбината на неактивниот противник. По истиот рецепт, со центаршут од десната страна, Ливерпул се израдува на нова реализација. Овојпат Вајналдум ја имаше улогата на асистент, а Бразилецот со глава ја погоди стативата и потоа одбиената топка ја смести зад грбот на Облак.

Сепак, тука не беше крајот на возбудувањата на овој натпревар. Премиерлигашот остана без Алисон Бекер, што се покажа како голем хендикеп. Адриан имаше момент за заборав и по една негова несвојствена грешка, Атлетико израмни преку Маркос Љоренте. Резервистот пласираше по земја и го надмудри голманот на домашниот тим, кој беше излезен далеку од гол-линијата.

Истиот фудбалер стави точка на одличната вечер за неговата екипа во 106. минута, кога израмни на 2-2. Офанзивниот пристап на избраниците на Јирген Клоп беше казнет од младиот Шпанец, кој со прекрасен удар од далечина одново го матира Адриан. Ливерпул притискаше со сите офанзивни сили во вторите 15 минути, но одбраната на Атлетико издржа и покажа дека е една од најдобрите на светот. За да нема никакви дилеми се погрижи Алваро Мората кој искористи една контра за да ги постави конечните 2-3.

Фудбалерите на Клоп нема да имаат можност да ја бранат титулата од минатата сезона. За нив останува само радоста во Премиер лигата, која секако дека ќе ги задоволи очекувањата на фановите.