• Мартин Танасковски
Екипата на Шкендија повторно ќе брка гол негатива во Конференциската лига. Иако имаше реми во џеб, со доцен гол загуби од Хибернијан (1-2) и на домашен терен ќе напаѓа победа која ќе донесе плеј-оф во третото по ранг натпреварување на УЕФА каде ќе чекаат Гетеборг од Шведска и Гент од Белгија.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот во Шкотска беше перфектен за Шкендија посебно во првото полувреме, кога македонскиот вицепрвак се одбрани од налетите на Хибернијан. Само една шанса имаше домашниот тим во 13. минута, која не ја реализира. И во вториот дел продолжи истата игра, Положани имаше тактички спремна екипа која одолеа на сите притисоци од Шкотите и ги одби нивните шутеви.
Мрежите мируваа се до 73. минута, кога Рајт влезе по левата страна и додаде во казнетиот простор, а Елдинг со шут од прва ја смести топката во голот на Шкендија. Сепак, македонскиот тим не чекаше долго, нововлезениот Марко Ѓорѓиевски пак беше херој. Центарфорот по додавање од Ване Крстевски, исто така играч влезен од клупата, го совлада голманот на Хибернијан во 76. минута и израмни на 1-1. И кога сите чекаа крај, Хибернијан по еден корнер и мешаница преку О'Хора во 91. минута среќно погоди за триумф. Во финишот можеше триумфот на Хибернијан да биде поголем, но голманот на Шкендија спаси повисок пораз.
Реваншот меѓу Шкендија и Хибернијан на Арената „Тодор Проески“ се игра следната седмица.











