Нешвил му станува омилен ривал: Меси двоен стрелец во победата на Интер Мајами (ВИДЕО)

Интер Мајами се доближи до четвртфиналето во МЛС лигата, откако на стартот на плеј-офот го доби првиот меч од серијата против Нешвил со 3-1. Се игра до два добиени меча, па тимот од Флорида е на еден триумф од пласман меѓу осумте најдобри во лигата. 

  • Извештај од натпреварот:

Одново херој во победата беше Лионел Меси, слично како пред шест дена кога овие ривали играа меч од регуларната сезона. Овојпат Аргентинецот беше двоен стрелец, а третиот гол беше дело на Аленде. 

Интересно, првиот гол на Меси беше несвојствен за него бидејќи го даде со глава. Тој одигра двојно проигрување со Суарез, одлично втрча на пеналтикот и во пад со глава реализира за 1-0 во 19. минута. Мрежите мируваа до 62. кога предноста ја удвои Аленде, а потоа во шестата дополнителна Меси стрела и вторпат. Поразот го ублажи Мухтар во последните секунди од средбата.

Вториот меч од серијата се игра на 2 ноември, а домаќин ќе биде Нешвил кој мора да победи за да избори „мајсторка“.