Нередите на римското дерби доведоа до забрана за вечерни термини во Серија А

Италијанското министерство за внатрешни работи донесе одлука дека сите натпревари од висок ризик следната сезона нема да се играат во вечерните термини. 

Ова решение доаѓа после насилството и безредието на навивачите за време на, и пред натпреварот помеѓу Лацио и Рома на „Олимпико“. Воедно, фановите на двата римски клуба добија забрана за присуство на следните три гостински натпревари, а дел од нив заработија и кривични пријави за нарушување на јавниот ред и мир. 

Пред почетокот на мечот во Рим, околу 500 „ултраси“ од двата табора се обиделе да го пробијат полицискиот кордон, но дел од нив со себе носеле и разни видови на ладно оружје, а со повреди се здобиле четворица припадници на специјалните сили. Приведени се вкупно 27 хулигани кои веќе се изнесени пред истражен судија. 

Засега, одлуката важи за целата сезона 2025/26, иако навивачите се надеваат дека властите ќе „омекнат“ и сепак ќе дозволат некои големи дербија да се играат во вечерниот термин.