• Иван Димовски
Фудбалерите на Милан го победија Интер (1-0) во второто сезонско „Дерби дела Мадонина“ во Серија А. Крајот на дербито на „Сан Сиро“ понуди и голема драма, бидејќи се случија моменти кои ги налутија „нераѕурите“.
Прво пред еден корнер судијата Даниеле Довери се огласи за да ја смири тензијата, ама изведувачот Димарко веќе нафрли и топката заврши во мрежата. Сепак, јасно беше дека гол нема, бидејќи играта беше прекината пред изведувањето на ударот.
Потоа се случи ситуација која што беше далеку поспорна, а беше играта со рака на Самуеле Ричи. По едно уфрлање Дамфрис со глава се обиде да врати на пеналтикот, топката го погоди Италијанецот во раката, а интеристите скокнаа и бараа пенал. Раката на Ричи имаше движење и беше крај телото, меѓутоа веројатно „се извлече“ бидејќи беше во трк и дистанцата од ударот беше кратка.
- Играта со рака на Самуеле Ричи:
Сепак, судијата Довери и ВАР собата многу брзо решија дека нема елементи за најстрога казна. По мечот се крена огромна прашина, реакциите не стивнуваат и сите од „црно-сината“ страна на Милано сметаат дека се оштетени за пенал.





