Непријатна серија: Вардар дури 20 меча не знае да ја победи Шкендија

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар на домашен терен загуби од Шкендија (1-2) во дербито на отворањето на пролетната сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) и ја продолжи непријатната серија со тетовчани.

Интересно, Вардар дури 20 средби во низа не знае за победа над Шкендија. Во сите конкуренции вклучувајќи го и Купот на Македонија, Шкендија има 12 победи, а осум дуели завршија нерешено.

Последната победа Вардар над Шкендија ја имаше во 2017 година, кога на Арената „Тодор Проески“ во Скопје победи со 4-2, со два гола на Хуан Фелипе и по еден на Дејан Блажевски и Итало.