• Сашо Поповски


Лисабонските „лавови“, по малку изненадувачки, 2020 година ја завршија на првото место на Примеира. И понатаму Бенфика и Порто се фаворити за титулата, но Спортинг покажа дека оваа сезона ќе биде опасен предизвикувач на тимовите кои во изминатите години доминираа во земјата.
„Зелено-белите“ имаат само две реми средби во единаесет кола, а единствени ја немаат почувствувано горчината на поразот пред доаѓањето кај Брага в сабота (19:00) на стадионот „Жозе Алвалде“. Овие два тима во претходните сезони се бореа за третото место. Летоска Брага во последното коло го прескокна тимот од Лисабон на третата позиција во Примеира. Спортинг од клупата одлично го предводи младиот стратег Рубен Аморим, кој токму од Брага пристигна меѓу „лавовите“.
Домаќинот во своите редови го има првиот стрелец на шампионатот Педро Гонсалвес Тој на единаесет натпревари дури десет пати ги тресеше мрежите на ривалите. Двата тима се наоѓаат во одлична форма. Спортинг и Брага врзаа по четири победи. „Лавовите“ за последните 360 минути само еднаш ја вадеа топката од мрежа. Брага игра напаѓачки, на гол повеќе. Постигна 13 гола на претходните три натпревари. Во овој шампионат тимот од престолнината на својот стадион доби четири натпревари, додека еден заврши без победник. Брага нема нерешен исход на гостувањата. Има три победи и два порази.
Во 2020 година Брага беше подобра двапати од Спортинг и тоа двапати на свој терен. Во Примеира беше 1-0, а во полуфиналето од Купот на Португалија 2-1. На последните четири натпревари на овие две екипи домаќините победувале. Предност им даваме на разиграните „лавови“ кои во 2021 година би можеле да продолжат со одличните игри и конечно да се заканат на освојувачот на двојната круна Порто и градскиот ривал Бенфика, кои пред сезоната делуваа недопирливо.