Непогрешливиот Иско е првата „виолина“ на Шпанија предводена од Хулен Лопетеги

Иско

Репрезентацијата на Шпанија обезбеди пласман на Светското првенство (СП) во Русија, откако вчера со 3-0 ја победи Албанија за прво место во нашата група.

Прво име на натпреварот беше Иско, фудбалерот на Реал Мадрид кој игра се подобро во дресот на „црвената фурија“. Во претходното коло со два гола ја „сруши“ Италија, а вчера со еден гол и асистенција одново одушеви против албанската репрезентација.

На претпоследниот меч на Шпанците во овој квалификациски циклус, Иско креираше четири шанси за своите соиграчи, погреши само три кратки и едно долго додавање, а на крај беше прогласен за играч на натпреварот.

Несомнено е дека младиот член на „кралевите“ е новата ѕвезда во шпанската селекција, која ќе атакува на втората мундијалска круна во Русија наредното лето.