„Непобедливите“ на Венгер слават 16 години од совршената титула на Арсенал

15 мај зазема посебно место во историјата на еден од најдобрите англиски клубови, Арсенал. На овој датум, пред точно 16 години беше комплетирана совршената сезона на „топџиите“ на чело со легендарниот Арсен Венгер.

„Непобедливите“ пулени на францускиот стратег таа сезона одиграа 38 натпревари во Премиер лигата, триумфираа на 26, а 12 дуели завршија без победник. 

Ваквиот подвиг на Арсенал беше прв, а и засега последен, во англиската елита по пауза од повеќе од сто години, откако претходно без пораз шампион беше Норт Престон во сезоната 1888/89. 

Покрај доминацијата и освоената титула во Премиер лигата, таа генерација на Арсенал се смета за една од најдобрите во историјата на островскиот фудбал, затоа што беше сочинувана од легенди како Анри, Пирес, Виера, Леман, Кол, Љунгберг, Бергкамп...

Оваа сезона Ливерпул беше многу блиску, но во 28. коло како гостин загуби убедливо од Вотфорд со 3-0.