„Непобедливите“ на Ѓоко и 53-те меча без пораз на Силекс тешко дека пак ќе се повторат!

Вардар важи за најтрофеен фудбалски клуб во Македонија. А, две од освоените титули се освоени со голем стил - без ниту еден пораз, нешто што тешко дека ќе се повтори пак во поновата историја.

„Црвено-црните“ имаат две сезони за паметење, а друштво меѓу „непоразените“ им прави и Силекс, кој зад себе исто така има една сезона без ниеден пораз на шампионскиот трон. Вардар за првпат заврши непоразен во сезоната 1992/93 кога „црвено-црните“ водени од Ѓоко Хаџиевски ја обединија двојната круна. Во овој период голманот Антонио Филевски беше скоро несовладлив и постави рекорд на натпревари без примен гол.

Големиот Вардар во лигата тогаш оствари 27 победи, седум средби завршија без победник, додека гол-разликата беше со импресивни +103 (119 дадени, 16 примени гола). Во Купот, пак, во финалето падна „вечниот ривал“ битолски Пелистер (1-0), а единствен стрелец на голот беше Жанко Савов.

  • Финалето на Купот меѓу Вардар и Пелистер:

Во тогашниот тим на Вардар имаше еминентни фудбалски имиња, меѓу кои покрај Савов, беа уште Марковски, Јовчев, Костов, Јовановски, Наумовски, Спасовски, Ќириќ, Милошевски, Урошевиќ, Тодоровски, Бабунски...

Истиот успех Вардар го повтори и во сезоната 1994/95, кога заврши повторно како шампион без пораз, вторпат во својата историја, со 23 победи и седум нерешени средби и воедно обезбеди пласман во квалификациите за УЕФА Купот, прв за нашиот шампион по осамостојувањето. Во Куп-финалето, пак, Вардар беше подобар од кратовски Силекс (2-1), кој беше бранител на тронот. Тоа беше воедно и последна двојна круна за Вардар во историјата.

  • Финалето на Купот меѓу Вардар и Силекс:

Дел од тогашната генерација, исто така предводена од Ѓоко Хаџиевски, беа Мирко Спасески (капитен), Гого Јовчев, Зоран Јовановски, Игор Саша Николовски, Кире Грозданов, Гајур Садики, Горан Станиќ, Саша Ќириќ, Марио Вујовиќ, Жанко Савов и Сашо Милошевски.

  • Двата дуели на Вардар и Бекешчаба:

Во првото квалификациско коло на УЕФА Купот, Вардар тогаш играше со унгарска Бекешчаба. Првиот меч во Скопје заврши без победник (1-1), додека реваншот во Унгарија заврши со минимален триумф на домашните (1-0) што знаечеше елиминација за Вардар. Единствен стрелец за „црвено-црните“ во двомечот беше Сашо Милошевски.

  • Влезниците од двомечот на Вардар и Бекешчаба:

И во двете сезони во кои Вардар остана непоразен, голгетерски „крал“ на лигата беше Саша Ќириќ. Во првата сезона тој постигна 36, додека во втората сезона даде 35 гола. Најубедливата победа во сезоната 1992/93 е над Вардарски (11-0), додека во 1994/95 најдебелиот крај од „непобедливите“ го извлече Беласица која во Скопје прими осум парчиња (8-0).

Третиот првак без пораз во Македонија кој воедно е и последен со ова достигнување е Силекс. Кратовчани тогашната сезона 1995/96 ја завршија со 21 победа и седум реми средби, а интересно - водени од Зоран Смилевски тие имаа серија од неверојатни 53 натпревари без пораз.

Тогаш Силекс имаше импресивен состав во кој беа Андовски, Мемеди, Мицевски, Захариевски, Ѓузелов, Трајчев, а од тимот беше дел Зоран Бошковски-Чоко, тогаш прв, а сега третиот најдобар стрелец во историјата на мак-фудбалот, зад Бесарт Ибраими и Баже Илијоски.

Достигнувањата на Вардар и Силекс се меѓу ретките во Европа. Тешко дека во нашето првенство во скоро време ќе има тимови навидум слични на горепсоменатите кои ќе може да ги достигнат овие успеси во лигата.

Мартин Танасковски