Немаат висок животен стандард, но плаќаат милиони за да го видат Меси

Фудбалската федерација на Ангола постигна историски договор кој ќе ја стави оваа африканска земја во центарот на вниманието на светскиот фудбал. На 14 ноември, во рамките на прославата на Денот на независноста, Ангола ќе го угости актуелниот светски шампион Аргентина, предводен од Лионел Меси.

Овој натпревар ќе биде одржан на националниот стадион во Луанде и претставува најголемиот спортски настан во историјата на земјата. За љубителите на фудбалот во Ангола, ова е уникатна можност да го видат еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и неговата репрезентација, која го освои Светското првенство во Катар во 2022 година. Според извори од локалните медиуми, Фудбалскиот сојуз на Ангола платил околу 12 милиони евра за организацијата на овој пријателски меч, сума која го вклучува и присуството на Меси, чие учество значително ја зголеми вредноста на договорот. Претходно, се шпекулираше дека Мароко исто така преговарал за можноста да ја угости Аргентина во истиот период, но Ангола на крајот понудила повисока финансиска компензација и ги добила правата за натпреварот.

Овој потег предизвика поделени реакции во јавноста. Додека голем дел од граѓаните го гледаат настапот на Аргентина како историски момент кој ќе ја промовира земјата на глобално ниво, има и критики дека вложувањето на толкава сума пари во еден пријателски натпревар е непотребен луксуз заради животниот стандард во земјата кој не е висок и целото вложување се смета за луксуз.

Дел од политичарите сметаат дека средствата можеле да бидат насочени кон поважни општествени приоритети, како што се образованието, вработувањето и инфраструктурата, особено во руралните региони каде што условите за живот сè уште се тешки. Сепак, властите во Луанде го оправдуваат договорот со Аргентина како инвестиција во имиџот и спортскиот развој на земјата.

Аргентинската фудбалска репрезентација, пак, ќе го искористи овој натпревар како дел од подготовките за продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026. За Меси и неговите соиграчи ова ќе биде ретка можност да настапат на африканскиот континент, каде што Аргентина не одиграла пријателски натпревар повеќе од една деценија.