Нема веќе „расфрлање“ со пари: Чемпионшип воведува „селари-кап“ по примерот на Американците

Ако веќе се знае датумот кога премиерлигашите ќе им се вратат на терените (13 јуни), ситуацијата во Чемпионшип лигата (втора по ранг во Англија) не е таква. Прашањето за продолжување на сезоната уште виси во воздух, а според најавите истото треба да добие конечен договор до крајот на оваа седмица. 

Според најавите Чемпионшип би започнал на 6 јуни, една седмица пред Премиер лигата, но засега лигата нема консензус од клубовите и се чека на конечна развршница. Без разлика на овој исход од Англија најавуваат голема промена во оваа лига за следната сезона, поточно се преговара да се воведе „селари-кап“ за ограничување на трошоците на клубовите, по примерите на американските спортови. 

Според „Дејли Мирор“, клубовите од Чемпионшип ќе имаат лимит помеѓу 15 и 20 милиони фунти годишно, кои можат да ги трошат за плати на играчите. Секој клуб што ќе ја премине оваа линија, а тоа сигурно ќе го сторат клубовите кои ќе отпаднат од Премиер лигата, на новите засилувања ќе можат да им плаќаат по максимум 520.000 фунти по сезона. 

Со овој потег челните лица на Чемпионшип сакаат да го запрат брзиот пад на клубовите во оваа лига, кој е тренд во последните неколку сезони. Така на пример, редовниот второлигаш Рединг, минатата сезона потроши 193% од своите приходи. Поточно, сезоната ја заврши во минус од еден цел буџет.

Норич и Шефилд Јунајтед, клубовите кои лани се преселија во Премиер лигата, потрошија по 161, односно 191 процент од буџетот за плати на играчите и останатите вработени, но нивните инвестиции беа амортизирани со влегувањето во елитата. 

„Од деловна гледна точка, финансиите на клубовите од Чемпионшип се неодржливи. Од 24 клубови во лигата, 23 се во загуба, а најлош пример е Блекбурн. Овој клуб лани загуби 20 милиони, а воопшто нема скапи играчи. Тоа нема смисла“, изјави Киран Мегваер, експерт од Универзитетот во Ливерпул.

Доколку продолжи сезоната, најголеми шанси за пласман во Премиер лигата имаат Лидс Јунајтед и Вест Бромвич Албион, додека третиот учесник ќе биде познат по завршувањето на плеј-офот.