• Горан Упале

Вест Хем Јунајтед ја прекина соработката со Нуно Еспирито Санто, кој доби отказ по серијата лоши резултати и двата последователни порази на домашен терен.
„Чеканите“ најпрво загубија од Саутемптон со 3-2, а потоа и од Вест Бромвич Албион со 3-1. Особено болни беа овие порази бидејќи станува збор за директни конкуренти во борбата за промоција во Премиер лигата. По нив, Вест Хем падна на осмото место на табелата во Чемпионшип.
Дополнителен проблем за португалскиот стратег беше слабата дефанзивна игра на тимот. Вест Хем прими шест гола на последните два натпревари, а на 13 средби сезонава само трипати успеа да ја сочува својата мрежа.
Интересно е што Нуно ја задржа довербата на управата и по испаѓањето од Премиер лигата, а сезоната во Чемпионшип ја започна одлично, па дури беше прогласен и за менаџер на месецот во септември.
До назначувањето на нов тренер, тимот ќе го предводи Марк Нобл, со помош на Стив Потс и Џерард Придервил. Меѓу потенцијалните кандидати за постојан наследник на Португалецот се споменуваат Скот Паркер, Киран Мекена, Роб Едвардс, Шон Дајч и Томас Франк.


