• Горан Упале
Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, испрати јасна порака до фудбалерите пред претстојните натпревари против Шкотска и Словенија во Лигата на нации. Иако атмосферата во националниот тим е одлична, селекторот потенцираше дека во репрезентацијата мора да се доаѓа со максимална посветеност и одговорност, а не за дружење со роднините и пријателите.
Седлоски нагласи дека нема да толерира несериозен однос кон репрезентативниот дрес и дека секој фудбалер, без разлика на името и статусот, ќе мора да го заслужи своето место во тимот.
„Атмосферата во тимот е одлична, но ќе потенцирам дека нема да дозволувам повеќе да доаѓаат тука играчи само за да се видат со роднините и пријателите. Да одиграат 90 минути и да се вратат во своите клубови. И јас сум бил играч и знам како е да се биде репрезентативец. Се знае дресот како треба да се облече и како да се носи. Не може јас да бидам крив ако некој не се залага на тренинг или пак на натпревар. Кој и да е, нема да биде повикан, додека јас сум тука.
Во нападот имаме четворица фудбалери, од кои јас двајца сум тренирал – Азер и Марко. Марко се врати од повредата и почна да игра во својот клуб и сакам да видам како ќе се справи во селекцијата“, истакна македонскиот селектор.
Прв ривал ќе ни биде селекцијата на Шкотска на гости, додека три дена подоцна на свој терен ќе ја пречекаме Словенија.



