Нема небитен натпревар на репрезентацијата, Грузија е само нов почеток!

За нас среќниот Тбилиси ни носи трета важна станица во развојот на националниот тим. Иако шансите за пласман на првото место во групата на Лигата на нации ни се минимални, тоа не значи дека загубени се опциите за пласман на Европското првенство преку Лигата на нации. Мора да играме максимално на двата преостанати натпревари, да се обидеме да освоиме шест бода, а потоа со тринаесет да конкурираме за опција за бараж натпревари.

Иако првично само победниците на групите конкурираат за плеј-оф дуели за пласман во Германија, сепак постои голема веројатност дека голем број од победниците по групи во Лига А и Лига Б ќе се квалификуваат на шампионатот на Европа преку нормалните квалификации и тоа ќе отвори простор за второпласираните. Тука е нашата шанса. Без неколку стандардни првотимци и со тим кој првпат ќе игра заедно тешко ќе биде да излезе на крај со полетната Грузија на Вили Сањол, која како да се наоѓа во наша кожа од пред две години. Сепак, како ривал не им лежиме на Грузијците и покрај оние јунски 0-3 во Скопје.

Селекторот е концентриран натпревар по натпревар, но јасно е дека од утрешниот натпревар почнува подготовката и за квалификациите за Европското првенство. В понеделник ќе играме со Бугарија, во октомври во Саудиска Арабија, во ноември ни доаѓаат Азербејџан и Финска и низ тие натпревари ќе се кристализира тимот кој доаѓа. 

Во меѓувреме ќе ја дознаеме групата, ривалите и „возниот ред“ за цела 2023 година и ќе се обидеме да го надминеме третото место во квалификациите за последното Европско првенство. Дури и да го израмниме тој резултат пак имаме шанси да ја видиме Германија и нашето второ учество на Европските првенства. Затоа нема небитен натпревар кога се игра за репрезентација, па уште од утре нека почне нашата нова позитивна серија.