• Иван Димовски
Холандскиот гигант Ајакс минува низ еден од најтешките периоди во својата клупска историја. На табелата клубот од Амстердам успеа да се крене и побегна од дното, меѓутоа во структурите и натаму се соочува со сериозни проблеми.
Извршниот директор на клубот Алекс Крус е суспендиран, а причината за тоа е бизарна. Имено, во Ајакс се убедени дека Крус издавал информации и тајни на клубот на непозната адреса. Поради тоа клубот испрати официјално соопштение, потврдувајќи ја суспензијата.
„Длабоко сме вознемирени дека ова се случи во Ајакс. Сè ова е штетно за клубот и сите оние кои го имаат Ајакс во срцето. Потезите на Алекс Крус не се во склат со тоа за што ние како клуб се залагаме. Моментот во кој изврши купување на акции укажува на инсајдерско давање на информации. Такво кршење на законот не смее да биде толерирано, особено кога во ситуацијата е вклучен извршен директор. По внимателно разгледување на ситуацијата, Надзорниот одбор одлучи дека Алекс не може да остане на функцијата директор на Ајакс“, стои во соопштението.
Иако од Амстердам побараа правен совет и очекуваа да може кривично да го гонат, постапката на Крус не е кривично дело.