• Иван Димовски

Фудбалерите на Џирона се радуваа на домашниот натпревар против Валенсија со 1-0 (0-0), во рамките на 20. коло на шпанската Примера. „Лилјаците“ ниту по тренерската смена не можат да излезат од кризата, па на „Мунисипал де Монтиливи“ запишаа уште еден неуспех.
Во потрага по подобри резултати, Валенсија се раздели со Џенаро Гатузо и е во потрага по нов тренер, Неговата позиција во моментов ја пополнува Воро кој беше помошник, меѓутоа нема подобрување на резултатски план.
Првото полувреме мина во знакот на израмнетата игра, без вистински шанси на двете страни и со за нијанса подобра претстава на домаќинот. Во второто полувреме, прв по клупата посегна тренерот на Џирона, Салва и ги внесе Стуани и Рикелме. Токму Рикелме беше асистент при победоносниот погодок, проигрувајќи го Гарсија кој во 63. минута погоди за 1-0.
До крајот на мечот Валенсија немаше сили за резултатски кам-бек и го претрпе десеттиот пораз оваа сезона.