• Сашо Поповски

Германската фудбалска асоцијација потврди дека нема да има трибини за стоење на Европското првенство 2024 година. Времето е прекратко за таква организација, стои во соопштението на ДФБ.
Засега ќе се продолжи со тестирање на овој вид на следење на мечевите, кое моментално се користи во Германија, Англија и Франција. На крајот од сезоната, Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе донесе конечна одлука во врска со овој „проблем“.
Фановите ширум Европа се разочарани од оваа одлука на германскиот сојуз. Од сите стадиони кои ќе бидат домаќини на ЕП 2024, само на „Олимпискиот стадион“ во Берлин нема можност за имплементација на оваа идеја. Во Минхен, Дортмунд, Хамбург, Штутгарт, Гелзенкирхен, Франкфурт, Келн, Лајпциг и Дизелдорф навивачите можат да ги следат натпреварите стоејќи.
Германија ќе биде домаќин на најдобрите европски репрезентации за две години (14 јуни - 14 јули). Трофејот од последното издание на турнирот ќе ја брани Италија.