Некој нов Јунајтед: Манчестер Сити „уништен“ на дебито на Керик! (ВИДЕО)

Екипата на Манчестер Јунајтед се избори за херојска победа против вечниот градски ривал, Манчестер Сити, триумфирајќи со конечни 2-0 (0-0) во натпреварот од 22. премиерлигашко коло. Избраниците на привремениот тренер Мајкл Керик одиграа неверојатен меч и сосема заслужено донесоа огромна радост за своите навивачи. 

  • Извештај од натпреварот:

Мечот започна со посилно темпо на домашниот тим, а првата кардинална шанса ја пропушти Хари Мегваер, кој успеа да го промаши невозможното, биејќи со глава во пречката, и тоа од само еден метар. 

„Ѓаволите“ делуваа дека се во подобар ритам, создаваа шанси и го притискаа вечниот ривал, а потоа постигнаа и два погодока преку Амад Диало и Бруно Фернандеш, но истите беа поништени поради офсајд-ситуација. 

Се играше динамично и во продолжение, Сити повеќе се потпираше на брзи контра-напади, но не успеа посериозно да го загрози голот на Ламенс. На паузата останаа почетните 0-0. 

Повторно Јунајтед беше тимот што играше поконкретно на стартот од вториот дел. Добра прилика имаше Касемиро во 55 минута, но Џанлуиџи Донарума беше во елемент и успеа да го скроти ударот. Италијанскиот голман беше на висина на задачата и при ударот на Бруно Фернандеш десетина минути подоцна, но не можеше да го спаси својот тим кога Португалецот асистираше за Брајан Мбеумо, а Камерунецот конечно го отвори резултатот во 65. минута. 

„Олд Трафорд“ еруптираше, Јунајтед поведе со 1-0 и се чинеше дека е во далеку подобар моментум од противиникот. Диало веднаш потоа беше во нова шанса, но топката мина крај голот. Се обидоа „граѓаните“ да возвратат со мала офанзива, но одбраната на Јунајтед беше одлична во овој дел од натпреварот. 

Тргнаа „ѓаволите“ во нов налет, создадоа уште 2-3 добри прилики, а тоа беше наградено со голот на Патрик Доргу, кој одлично се снајде во 76. минута и ја надмудри „заспаната“ одбрана на гостите. Прекрасна топка му подели Матеус Куња, а Доргу со луциден допир ја смести топката во мрежата. 

Во овие моменти Сити делуваше комплетно „размонтирано“ и сите параметри водеа кон нов пораз од вечниот градски ривал. Јунајтед беше фокусиран, времето полека изминуваше и иташе кон деветтата сезонска победа, можеби и најслатка во досегашниот дел од првенството. До крајот на мечот, „ѓаволите“ само го потврдија совршеното попладне со трет гол кој го постигна Мејсон Маунт во 92. минута, ама ВАР третпат го скрати славјето на „Олд Трафорд“. 

Со овој убедлив триумф, Манчестер Јунајтед барем за момент се проби до четвртата позиција на табелата и сега има 35 бодови, исто колку и Ливерпул, кој има натпревар помалку. За тимот на Пеп Гвардиола ова е нов голем удар во битката за титулата, оставајќи му на Арсенал нова можност за уште поголема предност на врвот.