• Мартин Танасковски
Некогаш еден од најголемите таленти во европскиот фудбал, Ренато Санчез би можел кариерата да ја продолжи во Бразил.
Португалскиот играч за врска неодамна го раскина договорот со Пари Сен Жермен и во моментов е слободен агент. Иако неговата желба била да остане во Европа, преговорите со шпански Хетафе не донеле договор, па сега како најреална опција се споменува трансфер во бразилски Коринтијанс. Според информациите од Бразил, клубот од Сао Паоло е силно заинтересиран за 29-годишниот фудбалер и прави напори да го убеди да ја продолжи кариерата во нивните редови. Санчез претходно одбил понуди од Саудиска Арабија и од МЛС лигата.
Во периодот додека беше под договор со ПСЖ, Португалецот настапуваше како позајмен играч за Рома, Бенфика и Панатинаикос, каде што ја мина и минатата сезона. Санчез се прослави уште како тинејџер во дресот на Бенфика, а на само 19 години беше еден од клучните играчи на Португалија во освојувањето на Европското првенство во Франција во 2016 година. Набргу потоа Баерн Минхен го ангажираше како еден од најперспективните млади играчи во светот.
Сепак, и покрај огромниот потенцијал, неговата кариера не се развиваше во насоката што многумина ја очекуваа. По неколку неуспешни епизоди, повторно блесна во Лил, со кој во 2021 година ја освои титулата во француското првенство, што му донесе трансфер во Пари Сен Жермен.
Но, ниту во Париз не успеа да се наметне како стандарден првотимец, па честите промени на клубови и повредите го спречија целосно да го реализира својот потенцијал.




