Човекот кој никогаш не заигра за Македонија ќе биде дел од клубот на брат му

Урош Матиќ беше кандидат да го облече дресот на сениорскиот тим на Македонија, но никогаш не дојде до тоа. Сега 34-годишниот играч се враќа во Србија каде кариерата ќе ја продолжи во дресот на клубот на неговиот брат Немања Матиќ.

Играчот од средниот ред потпиша договор со Јединство УБ. Се работи за новајлија во српската Суперлига на кој газда е поранешната ѕвезда на Рен, Манчестер Јунајтед, Челзи, Рома... а сегашен играч на француски Лион.

Урош Матиќ последните три години ги мина во Саудиска Арабија каде го носеше дресот на Абха. Претходно беше дел од азербејџански Карабах, дански Копенхаген, кипарски АПОЕЛ, австриска Австрија Виена и Штурм, холандска НАЦ Бреда, португалска Бенфика, словачки Кошице.

Во репрезентативниот фудбал, Урош Матиќ играше само за У19-репрезентацијата на Србија. Иако се водеше постапка за промена на спортскиот пасош додека претседател на ФФМ беше Илчо Ѓорѓиоски, до такво нешто не дојде.