• Мартин Танасковски

Францускиот прволигаш Париз и официјално го назначи англискиот стратег Лијам Розениор за нов шеф на стручниот штаб на првиот тим. Четириесет и едногодишниот тренер потпиша договор со клубот до јуни 2028 година, а на клупата ќе го наследи Антоан Комбуаре, под чие водство Париз минатата сезона го освои 11. место во Лига 1.
За Розениор ова претставува враќање во францускиот фудбал. Претходно успешно работеше во Стразбур, каде што се истакна со модерен стил на игра и тактичка дисциплина, а по кратката епизода во Челзи сега добива можност да го предводи амбициозниот проект на Париз.
Клубот минатата сезона заврши во средината на табелата, но амбициите значително се зголемија по влегувањето на семејството на Бернар Арно во сопственичката структура, додека Ред Бул има улога на малцински партнер. Целта на Париз е во наредните години да се етаблира во самиот врв на францускиот фудбал и да стане сериозен градски ривал на Пари Сен Жермен.
Розениор официјално ќе ги започне обврските со новиот клуб во четврток, кога ќе ги одржи првите тренинзи. Пред него претстои важен летен преоден рок, како и подготовка на тимот за новата сезона, во која Париз ќе се обиде да направи исчекор во Лига 1.
