• Горан Упале
Шпанскиот фудбалер Пако Алкасер одлучи да ја заврши својата професионална кариера на 32-годишна возраст.
Поранешниот напаѓач на Валенсија, Барселона и Виљареал го одигра својот последен натпревар на 11 јануари 2025 година, а сега официјално ја потврди својата одлука за пензионирање. Алкасер одигра 455 натпревари и постигна 170 голови на клупско ниво во богата и предвреме завршена кариера. Најголемиот белег го остави во Валенсија, од каде што се пресели во Барселона во 2016 година за 30.000.000 евра.
Во Барса, тој беше алтернатива на Луис Суарез и во две сезони постигна 15 гола во 50 натпревари, пред да ја обнови својата кариера во 2018 година во Борусија Дортмунд, каде што потпиша траен договор по успешна позајмица. Подоцна играше за Виљареал, а последните години од кариерата ги помина во Обединетите Арапски Емирати.
Алкасер одигра 19 натпревари за шпанската репрезентација и постигна 12 гола.










