Нека топката почне да се тркала... па, да нè залечи!

Со точно една година задоцнување и поради чумата во форма на пандемија поради вирусот ковид-19 што ја погоди целата планета, време е за 16-тото Европско првенство во фудбал. Во духот на времето во кое живееме и слоганот на овогодинешното ЕУРО - „Live it. For real“

Голема катастрофа го снајде човештвото. Повеќе од една година мртвите и сериозно болните се бројат низ целиот свет. За првата цел, сите имавме задача да опстанеме, и од таа причина го чекаме ова Европско првенство во специфични околности.

Ќе речеме, со раширени раце: Добредојдовте. Но, без еуфорија. Нема голема галама. Без врева. Долго, предолго време, фудбалот беше во втор план. Да, сега е повторно тука. Но, повторно едно но ... Можеби не е убаво да кажеме - да уживаме. Длабока почит кон жртвите. Ќе биде посоодветно - да заздравиме.

Европското првенство оваа година е второ кое се игра според новиот систем, со 24 репрезентации, а прво кое го организираат дури 11 градови: Амстердам, Баку, Букурешт, Будимпешта, Копенхаген, Глазгов, Минхен, Лондон, Рим, Севиља и Санкт Петербург. Даблин и Билбао првично беа планирани, но во меѓувреме тие се откажаа од домаќинството затоа што не можеа да гарантираат ниту минимална посетеност на гледачи.

Пет години подоцна, кога впечатоците од претходното ЕУРО добро се смирија - резултатите од новиот систем:

Впечаток е дека УЕФА успеа да ги „промовира“ најмалите. Во нокаут-фазата двете Ирски, Словачка, Унгарија. Во четвртфиналето Исланд, во полуфиналето Велс. За многу од овие народи најубавите бајки; за неутралните љубители на фудбалот, впечаток е дека има премалку вистински дербија. И, конечно, најмал број на голови по натпревар во просек во 21 век - нешто повеќе од 2,00.

Без оглед на одредени аномалии, овој нов систем на возбуда не треба да недостасува. По сериозната криза низ која поминаа, Холанѓаните се вратија; се чини дека Шкотланѓаните имаат многу компактен тим по долго време и нема да бидат засрамени; Полјаците ги предводи најдобриот напаѓач на денешницата - Роберт Левандовски; Хрватите имаат право да сонуваат за „руските височини“ за себе.

Австријците, предводени од Алаба, Арнаутовиќ, Драговиќ, Калајџиќ, се надеваат дека првпат ќе ја минат групата во нивното трето учество на континенталните шампионати; Украинците се потпираат на тренерската харизма на Шева (и големото знаење); Данците со Ериксен може да паднат како коска во грлото на многумина.

Јавноста ги наметнува Французите и Португалците како најголеми фаворити. Светските шампиони изгледаат уште помоќни отколку пред три години во Русија. Тие го „накалемија“ и Карим Бензема на тој одличен тим, па доколку проблематичниот голгетер на Реал не им ја растури соблекувалната, тогаш тој лесно може да им ја донесе третата европска круна. Португалија ја брани таа круна и нема само да ја предаде. Тоа е тим што веројатно игра најдобро на резултат и станува особено опасен во нокаут фазата. Во групата, сепак, нема да му биде лесно со споменатите Французи и Германци. Многумина се сложни дека нивната група е најдобра во историјата на сите европски шампионати ...

Англичаните умно го симнаа притисокот од себе во Русија, не се „турнаа“ меѓу најголемите фаворити и не беа толку лоши како што обично се. Сега повторно се буди она „нивното“ - ние сме најдобри, го напаѓаме тронот. Досега, тие секогаш се сопнуваа со таков став...

Шпанците остануваат, Италијанците остануваат. Се сеќаваме на подобри состави и на едните и на другите. Но, ние не ги отпишуваме. За Белгија, многумина ќе речат дека нејзиниот моментум беше во Русија.

Отворањето на 16. Европско првенство е закажано за 11 јуни во 21:00 часот. Италија и Турција се среќаваат на стадионот „Олимпико“ во Рим. Финалето и затворањето се планирани за во Лондон на 11 јули, на стадионот „Вембли“.

Нека топката почне да се тркала. Па, да нè залечи

ПУБЛИКА

Поради посебните мерки поради пандемијата на коронавирус, стадионите нема да бидат полни. Но, според последните најави од градовите домаќини, публиката ќе биде, некаде во помала, некаде во поголема мера. На пример, во Баку и Санкт Петербург, властите ќе дозволат да се пополнат 50 проценти од капацитетот, додека Будимпешта планира со многу строги мерки да ги исполни трибините до последно место.

Англичаните потврдија дека „Вембли“ ќе ги отвори портите за 25% од капацитетот (во првите три натпревари), во Минхен ќе има најмалку 14.500 навивачи на натпревар (околу 22%), Шкотска одобри близу 25% пополнетост на „Хампден Парк“, или 12.000 навивачи на натпревар.

Во Амстердам, Букурешт, Копенхаген, Рим и Севиља, домаќините ќе дозволат помеѓу 25 и 35% од капацитетот на стадионот.

ПРОПОЗИЦИИ

* Во првата фаза, 24 репрезентации се поделени во шест групи од по четири
* Пласман во осминафиналето ќе обезбедат првопласираните и второпласираните, како и четирите најдобри третопласирани.
* Во случај на ист број бодови, овие критериуми одлучуваат за пласманот, во овој редослед:

1. скорот на меѓусебниот натпревар;
2. гол разлика во групната фаза;
3. број на постигнати голови во групната фаза;
4. ако две селекции се еднакви според сите горенаведени критериуми, и играат меѓусебе во последното коло, ќе се изведуваат пенали по натпреварот;
5. Табела за фер-плеј (еден поен се доделува за жолт картон, три за црвен картон и четири доколку тимот добие жолт картон веднаш по црвениот картон;
6. УЕФА ранг-листа.

* Ако две третопласирани репрезентации од различни групи се еднакви по бројот на бодови, овие критериуми одлучуваат за втора фаза, по овој редослед:

1. гол разлика во групната фаза;
2. број на постигнати голови во групната фаза
3. фер-плеј табела
4. УЕФА ранг-листа

* Од осминафиналето се игра според класичниот нокаут систем.
* Во случај да има нерешено во нокаут фазата по 90 минути, се играат две продолженија од по 15 минути, а ако и тогаш нема победник, се изведуваат пенали

ТОПКА

Како традиционален производител на официјалните топки, Адидас подготви нова фудбалска убавица за ова натпреварување, што е вистинско мало чудо на модерната технологија од секој поглед. Официјалната топка за ЕУРО 2020 се вика „Унифорија“, што е кованица од зборовите „единство“ и „еуфорија“. „Унифорија“ е изработена од посебен материјал кој им дава на играчите извонредно чувство при шутирање, а истовремено и одлична аеродинамика.

ПЕХАР

На победникот на турнирот ќе му биде врачен трофеј именуван по Анри Делоне, поранешен претседател на Фудбалскиот сојуз на Франција и човекот според чија идеја беше организирано првото Европско првенство. Делоне почина во 1955 година, пет години пред да се реализира неговата идеја, а оригиналниот пехар беше заменет во 2008 година. Тековната верзија е висока 60 сантиметри и тешка осум килограми.

КОВИД ПРАВИЛА

Извршниот комитет на УЕФА донесе одлуки да дозволи поголем број играчи на списоците на селекциите поради специфичната криза со вирусот. Така, секој селектор однесе 26 играчи на ЕУРО, наместо вообичаените 23. Сето ова со цел да се спречат можните компликации во случај на масовна инфекција на фудбалерите. Во таа смисла, УЕФА пропиша дека тимот мора да има најмалку 13 играчи ( од кои мора еден да е голман) за да може да го започне натпреварот. Во случај на одложување, натпреварот треба да се игра во рок од 48 часа. Доколку не се создадат услови за тоа, репрезентативниот „виновник“ за неиграњето, го губи натпреварот со 0:3.

ПАРИЧНИ НАГРАДИ

*Пласман на ЕУРО  9.250.000 *
Групна фаза
*победа 1.500.000
*реми 750.000
*Осминафинале  2.000.000
*Четвртфинале 3.250.000
*Полуфинале  5.000.000
*Финалист  7.000.000
*Шампион  10.000.000

Победникот на турнирот може да инкасира најмногу 34.000.000 евра