„Нејмар, во Реал Мадрид? Нема да биде предавство кон Барселона!“

Бразилската фудбалска легенда Ривалдо ја коментираше можноста Нејмар да го засили Реал Мадрид и истакна дека евентуален негов премин на „Сантијаго Бернабеу“ нема да е предавство кон навивачите на каталонскиот клуб.

Нејмар во минатото настапуваше за Барселона, но се реши на трансфер во ПСЖ. Сега, францускиот клуб сака да го продаде, а една од можните дестинации што се гледа дури и како најизгледна е Мадрид.

„Ако Зидан успее да го донесе Нејмар во Мадрид, тогаш тоа нема да е предавство кон Барселона. Не е исто кога одиш од Барселона во Реал Мадрид или обратно, со она кога правиш трансфер преку друг клуб. Не треба да се гледа на овој евентуален трансфер како предавство“, изјави Ривалдо.

Барселона и ПСЖ долго време водеа преговори за Нејмар, но не успеаја на состанок да најдат заеднички јазик поради превисоките барања на францускиот тим и фудбалерот.