Нејмар се извини за инцидентот со синот на Робињо: Знам дека претерав!

Бразилецот Нејмар се извини по инцидентот што се случи на тренингот на Сантос, каде, според информациите, дошло до физички конфликт со синот на поранешната фудбалска ѕвезда, Робињо. 

Како што се наведува, на тренингот пред три дена, Нејмар го удрил младиот соиграч, по што ситуацијата предизвика бурни реакции во јавноста и силни критики во спортските кругови. Инцидентот, според сведоштва, се случил во момент на зголемени емоции, кога тензијата на тренингот ескалирала.

Нејмар упати извинување до младиот Робињо, како и до останатите во тимот, наведувајќи дека претерал со неговата реакција. 

„Проблемот го решивме меѓу нас. Се случи неспоразум на тренингот, а мојата реакција беше претерана. Се извинив, овие постапки нема да се повторат. Разговаравме во соблекувалната и го решивме конфликтот на најмирен можен начин“, рече Нејмар. 

Славниот фудбалер воедно упати извинување и до медиумите, но им се обрати со ироничен тон, затоа што беше предмет на жестоки критики во последните денови.